Мојата приказна
Растејќи ми кажуваа дека треба да учам напорно, да добивам добри оценки, да завршам факултет, да добијам постојана, сигурна работа, да продолжам да работам напорно, да се омажам, да имам деца... Но, никој не ми кажа која е крајната цел во сето тоа, а јас никогаш не застанав да се запрашам. И тргнав. Бев меѓу првите на училиште, секогаш преземав дополнителни активности; бев активен член на невладини и младински организации; завршив факултет како Финансов Менаџер за рекордно време со висок просек и оттогаш продолжив да инвестирам во моето професионално образование; се вработив и полека, но сигурно се искачив по корпоративната скала до сениорски раководни функции ; некаде помеѓу се омажив и родив дете. Судејќи според дефиницијата јас бев успешна, и значи требаше да бидам среќна и исполнета. Но, она што не се гледаше беа емоциите и состојбите зад приказната. Притисокот дека никогаш не сум доволна, секогаш можам повеќе и подобро; растргнатоста поради долгите часови поминати на работа не гледајќи го семејството; енергијата вложена во веќе изгубените битки; задушувањето на оригиналноста и автентичноста да се вклопам во калапот на системот и данокот по здравје кој кај мене дојде во форма на дијабетес, висок крвен притисок и една многу блиска средба со смртта...
...Додека лежам неподвижна и беспомошна во болничкиот кревет, го слушам придушено гласот на докторот од ходникот кој вели: „Носете ја во друг оддел. Таму нека им умре...“. Очите се намокрија, бесот ми ја зовре крвта, и иако целото тело ми трепереше, од силниот адреналин, успеав да се поткренам од душекот, барем за кратко. Сета сила ми отиде на овој подвиг и не можев да испуштам звук. Но, решително низ заби одлучно прос’скав: „Јас ќе преживеам“.
На жалост, многу брзо заборавив на тие зборови и се вратив на старите навики. Зашто само тоа и го знаев, а човек многу лесно се враќа на она што му е познато и комотно. Па макар било болно и себеуништивачко. И во еден така просечно сив ден некаде прочитав - Во било кој момент ти имаш моќ да кажеш, ова не е начинот на кој мојата приказна ќе заврши! И оттука тргнаа прашањата: Која е мојата приказна? Која беше целта на сето ова што го правев до сега? Каде сум, а каде сакам да бидам? Што сакам да оставам зад себе?
Спознав дека мојата најважна потреба е да давам и придонесувам. Мојата ултимативна позитивна намера – да го уживам и ценам животот. И тие потреби, таа намера биле во мене и наоѓале начин како да се манифестираат уште од најмали години – преку менторство, разбирање, советување, одбрана на обесправените и заштита на потивките. Имам верба во добрината на луѓето и нивните крајни намери, независно од резултатот. Имам силна визија за потенцијалот во другите, и со чистина продирам зад маските за да ги спознаам нивните вистински потреби, кои можеби не се во состојба сами да ги согледаат.
Благодарна сум на сето работно и животно искуство до сега. Поради нив ја имам дисциплината, организираноста, стратешкото и објективно размислување, неуморната упорност во изнаоѓање на креативни решенија и уникатниот хумор за да ви помогнам.
Јас ве гледам чисто. Со мене почнувате одново. Без фејкање.
А, јас конечно ќе живеам.
Искрено,
Ваша ЛекичКа